Пораст на просечната плата во септември, објави државната статитсика. Изнесува 37.876 денари и истата е зголемена со скоро 1.500 денари во однос на претходниот месец. Колку и да порасне, се уште не може да ги задоволи потребите на домаќинство кое зема една просечна и една минимална плата, велат од Синдикатот. Добро е што примањата растат, но тоа се должи пред се на зголемувањата за 10% во јавниот сектор. Во приватниот, платите стагнираат.
– Верувајте дека според нашите пресметки едвај се преживува со една просечна и една минимална плата, имајќи в предвид дека двајцата родители работат и имаат 2 деца. Семејствата со 3 и повеќе деца живеат во тешки облици на сиромаштија. Од друга страна, ако двајцата родители земаат 2 минимални плати, не можат ни да преживеат, изјави Иван Пешевски, ССМ
Потрошувачката кошница за септември изнесува над 48 илјади денари. Но од ССМ сметаат дека податоците кои се влезени во пресметките за пристоен живот се стари скоро 15 години. Во предвид се земени трошоците на семејство без автомобил и без телефони и интернет. Затоа се работи на нова методологија.
– Во пресметките се земаа во предвид семејствата кои живеат во 50 квадрати стан и немаат автомобил. Сега нема семејство без автомобил и затоа во новата методологија ќе влезе и горивото за превоз, билет за кино, за здравсто се земаа само некои стари основни лекарстав кога сме болни. Сега ќе се смени и тоа, додава Пешевски
Инаку на врвот најплатени професии и натаму се програмерите. Месечно земаат над 92 илјади денари. Зад нив се вработените во фармацијата, воздухопловство, превозот, осигурување, кои земаат нешто под 60 илјади денари. Под просечната плата земаат вработени во индустријата и трговијата на големо и мало, а најниско платени се работниците во прехранбената индустрија, производството на кожа и облека.