Британскиот глобален банкарски конгломерат HSBC наскоро ќе добие нов директор за инвестиции и глобални пазари откако од оваа позиција ќе се повлече Самир Асаф.
Асаф беше директор за инвестиции на HSBC од 2011 година, а претходно беше дел од француски компании кои се занимаваат со бизнисот со нафта. Понатаму Асаф ќе остане во HSBC, ќе има сениорска позиција, но нема да биде вклучен во менаџментот.
Промените во врвот на раководството на HSBC доаѓаат откако во август изненадно беше сменет главниот извршен директор Џон Флинт. На негово место како вршител на должност главен директор беше поставен Ноел Квин кој има задача да направи проценка на сите бизниси кои ги води HSBC под водство на претседавачот на одборот Марк Такер.
Одделот за инвестиции и глобални пазари на HSBC во 2018 година забележа раст од само 1% што придонесе во одлуката да биде разрешен Асаф.