Започна потпишувањето на договорите на Развојна банка со деловните банки со што се заокружува постапката за пласман на 250-те милиони евра од унгарскиот заем кон компаниите. Договорите коишто ги одобри Владата на последната седница, се веќе потпишани од страна на Министерството за финансии и Развојната банка на Северна Македонија, соопштуваат од Министерството за финансии.

Станува збор за 250 милиони евра кои ги обезбеди Владата за поддршка на приватниот сектор, Условите се рокот на отплата да биде до 15 години, вклучен грејс период до 3 години, камата од 1,95 проценти, и без надоместок за одобрување и управување.

Средствата, согласно усвоените услови од страна на Владата и потпишаните договори, може да се користат за основни средства од страна на сите компании во сите сектори со исклучок на секторот производство или трговија на алкохолни пријалоци, освен на пиво и вино, производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија. Исто така, средствата нема да можат да се користат за рефинансирање на претходни заеми.

„Со ова се покренува инвестициски циклус во приватниот сектор од над 250 милиони евра имајќи предвид дека корисниците на кредитите треба да учествуваат со 20 процети сопствени средства во реализација на инвестицијата. Средствата од страна на банките ќе се одобруваат и исплаќаат врз основа на доставена документација, во транспарентна постапка, која ќе овозможи и соодветна контрола на искористувањето на средствата, наведува Министерството за финансии.

Средствата наменети за компаниите се дел од унгарската кредитна линија што Владата ја зема од Унгарија за што договорот беше потпишан на 8 октомври во Будимпешта.

Претходно Македонската банкарска асоцијација соопшти дека од страна на Развојната банка е доставен рамковниот договор за учество во кредитната линија од унгарскиот заем наменета за компаниите.

Банките, како што информираат од МБА, ќе ги потпишуваат договорите со Развојната банка во согласност со нивните интерни процедури, а по склучувањето на договорите, средствата ќе бидат ставени на располагање на компаниите.