Владата викендов ја усвои информацијата за статусот на реализација на економските мерки за справување со Ковид -19 која ќе се достави до Европската комисија за одобрување на втората транша од 80 милиони евра за буџетска поддршка на мерките за справување со економските последици од ковид кризата.
– Согласно анализата врз основа на која е направена оваа информација одговорот на фискалната политика на пандемијата во земјата беше брз и значаен во поддршката на претпријатијата и вработените во најпогодените дејности и на ранливите категории на население и имаше значително влијание кон ублажување на негативните последици на пандемијата врз доходот и потрошувачката на домаќинствата и активноста на деловните субјекти, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Во информацијата се наведува дека просечната месечна нето-плата во 2020 година, согласно предвидувањата, забележала раст од 7,8 проценти како резултат на мерките преземени пред пандемијата како што се зголемувањето на нивото на минимална плата, владината мерка за финансиска поддршка на работодавците кои ќе извршат зголемување на платата до одреден износ, зголемените плати на вработените во јавниот сектор, како и дополнителното зголемување на платите во образованието и здравството.
-Мерката за финансиска помош на работодавците погодени од здравствената криза за исплата на плата влијаеше врз ублажување на надолниот тренд на раст на платите во текот на пандемијата, оценуваат од Владата.