Владата потроши само третина од предвидените пари за капитални инвестиции. Во изградба на патишта, пруги, школи, болници, гасификација и други трајни добра, за 8 месеци инвестирани се 10 милијарди 84 милиони денари или 164 милиони евра, покажуваат податоците на министерството за финансии. За власта, бројките се добри. Ги покажуваат само платените работи, што значи дека има проекти чии фактури допрва ќе стигнат за плаќање. Кочничар за поголема реализација на капиталните расходи, според вицепремиерот Битиќи се изборините процеси.
Ако првата половина од годината била припремна, како што вели Битиќи, во втората ветува рекордна искористеност. Сепак, за да се потрошат останатите 66% од парите, власта ќе има само 2 месеци. имајќи в предвид дека 2 круг од локалните избори ќе завршат на 31 октомври. Оптимист дека ќе има добра реализација, до 80% е и министерот за транспорт Бочварски.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, сметаат дека власта нема вистински капитални инвестиции. Нема нови патишта, нема нови училишта, болници или други капитални проекти.
Најголема реализација на капиталните инвестиции од сите буџетски корисници има Агенцијата за разузнавање со над 98% реализација. Ова е показател дека власта ништо не работи само пари троши на неважни работи.
Од 96 буџетски корисници дури 16 институции имаат 0% или блиску до 0% реализација на капиталните инвестиции. Околу 30 од институциите имаат реализација под 10%., се наведува во реакцијата на опозициската партија.
Инаку, со ребалансот на буџетот , владата одвои дополнителни 100 милиони евра за капитални расходи, со што вкупната бројка за оваа година е рекордна. Планирано е да се потрошат нешто над половина милијарда евра, односно 505 милиони евра.