Кастрењето на државната каса за да се обезбедат пари за олеснување на животот во услови на криза, освен непродуктивни трошоци, зафаќа и расходи за капитални инвестиции, со кои Владата досега се фалеше.

Според сумите предвидени со ребалансот на буџетот што го скрои Владата, сега приоритет е гасификацијата. Вкупната сума за капитални расходи со ребалансот се сведува на 522,6 милиони евра и е за 8,8 проценти помала од предвидената со иницијалниот буџет. Во ребалансот кој е доставен до Собранието и го чека почетокот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет, освен за гасификација, повеќе пари има и за изградба на социјални станови. Речиси за сè друго има помалку, почнувајќи од средствата наменети за железничките коридори 8 и 10, преку планираната изградба на клинички центри, локални патишта, до изградба и реконструкција на училишта, студентски домови, водоводи и проекти слични по обем.

Носители на капиталните инвестиции вообичаено се Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, кое е под негова капа, а кое, всушност, не го троши буџетот. Ќе продолжи изградбата на најкрупниот проект – автопатот Кичево – Охрид, зашто за тоа не се користат буџетски пари, туку е обезбеден кредит, а, исто така, ќе се комплетира и делницата Скопје – Блаце за која се обезбедени пари преку РБОР. Но, за локалните патишта, планираните средства се намалуваат на 8,1 милион евра, претходно предвидените пари за инвестиции во патната инфраструктура се сведуваат на 59,7 милиони евра, за изградба на водоводи и канализации се намалуваат на 2,8 милиони евра. Изненадувачки, има помалку пари и за железничките коридори 8 и 10, за кои сега се наменети 25,4 милиони евра. Повеќе пари се предвидени за изградба на социјални станови, за кои има плус 3,2 милиони евра, а, исто така, сумата за гасификација значително се зголемува на 9,3 милиони евра.

– Од исклучително значење е во овие периоди на енергетска криза државата да даде фокус на изградбата на гасоводите и да скрати сè што е во делот на непродуктивните трошоци, што и го направивме. Во буџетот на Министерството за транспорт и врски, во делот на непродуктивните трошења, скративме онолку колку што беше предвидено од страна на Министерството за финансии, а додадовме во делот на изградба на капиталните инвестиции – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој информира дека сега интензивно се градат двата крака од магистралните гасоводи низ земјава.

– Едниот крак кон Битола веќе е завршен и се прават финалните постапки за решавање на неколку точки, од кои едната е кај Неготино, поради што имавме пренасочување на гасоводната цевка. Добар прогрес има и на гасоводот кон Гостивар. Работиме и на постапките за одобрување на инфраструктурните проекти за магистралниот гасовод кон Гевгелија, односно на гасниот интерконектор кон Грција, кој е од исклучителна важност за постигнување уште поголема енергетска независност на државата – рече Бочварски.

Се работи, додаде, и на кракот кон Велес, кој е многу важен, но и на постапки за физибилити студии за продолжување на краците од Гостивар за Кичево и Охрид и од Битола до Охрид за да се затвори прстенот за гасификација на целата држава.

Средствата за гасификација добиваат приоритет и во Министерството за економија со тоа што сумата останува иста, додека се намалуваат средствата наменети за поддршка на малите и на средните претпријатија.

Значително кастрење е направено во буџетот на Министерството за здравство. Драматично се намалени средствата наменети за изградба на нов клинички центар во Скопје и во Штип, и тоа од девет на само два милиона евра. Исто така, средствата предвидени за реконструкции и изградба на здравствени објекти се намалуваат на 2,9 милиони евра, а помалку пари има и за изградба на општа болница во Кичево. Кратење има и кај сумата предвидена за набавка на медицинска опрема и за изградба на амбуланти во руралните подрачја.

Во буџетот наменет за Министерството за образование, сумите за изградба и реконструкција на основни и на средни училишта и за реконструкција на студентски домови не се сменети, а има помалку пари за нивно енергетски ефикасно обновување. Повеќе пари се предвидени само за изградба на спортски сали во основните училишта.

При кратењето на касата на Министерството за труд и социјална политика, приоритет им е даден на детските градинки. Има зголемување на сумата за изградба, опремување и одржување на објектите за детска заштита, која со ребалансот се зголемува на 2,9 милиони евра. Од друга страна, се кратат средствата наменети за домовите за стари лица, за установите за згрижување, центрите за социјална работа…

Помалку пари добива и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За модернизација на земјоделството, предвидени се нешто помалку од 700.000 евра, за хидросистемот Злетовица сумата се намалува на 2,4 милион евра, а за хидросистемот Лисиче на 388.400 евра. Помалку пари има и за програмите за наводнување, освен за Јужната Долина на Вардар. Кратење на парите на 14,8 милиони евра има кај Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.

За капитални расходи, Министерството за надворешни работи ќе има на располагање 70 илјади евра, а се крати и во сите три капитални ставки во рамките на Министерството за одбрана. Во Министерството за внатрешни работи, сумата за реконструкција и опремување на згради – полициски станици, гранични премини и слично останува иста, додека намалување на 6,4 милиони евра има за реформи во полицијата.

Во рамки на Министерството за финансии, средствата за финансиска поддршка на општините се намалуваат на 3,9 милиони евра, има намалување и на капиталните расходи за регионален развој, додека зголемување има кај проектите за рурален развој.

Повеќе пари за Дојранското Езеро, вкупно 2,2 милиона евра ќе добие Министерството за животна средина. Значително зголемување на капиталните расходи има кај Дирекцијата за слободни економски зони, каде што сумата се зголемува на 13,6 милиони евра.