Ребаланс на буџетот ќе има и очекувано е тоа дека ќе се случи, но очекувам да биде во летниот период. Сега ќе имаме мини прераспределба, откако ќе заврши јавниот повик за општините, а прераспределбата што ја планираме е бидејќи не можевме однапред да ги предвидиме парите во кое Министерство да се доделат, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска

Министерката деновиве учествува на десеттиот Делфи економски форум во Грција, каде што една од главните економски теми се царините од САД и вчерашната нова одлука на американскиот претседател Доналд Трамп, а Димитриеска-Кочоска во видеоинтервју за МИА детално говори за целата глобално-економска состојба, што тоа значи за Европа, дали и како ќе влијае на земјава, но и дали ќе има последици за обичните граѓани.

Коментира дека „непредвидливост“ е зборот што во Делфи е најзастапен за карактеризирање на целата ситуација, но потенцира дека царините од САД што, се однесува на нашата земја, не мора да предизвикуваат паника, ниту да се толкуваат негативно.

Во однос на Европа, посочува дека она што е испратено како порака од форумот е дека треба малку повеќе да се промени во насока на тоа повеќе да разменува и да тргува меѓу себе и да се посвети малку повеќе внимание на регулативите, побрзата администрација, поекспедитивното работење итн.