Негативните ефекти од случувањата во Германија на полето на економијата, Македонија ќе ги почувствува во вториот квартал од наредната година. Ова го изјави премиерот изјави Христијан Мицкоски, кој рече дека негативни ефекти нема да има само кај нас, туку во целиот свет, а посебно во Европа.

-Целта е преку капитални инвестиции и вложувања во економијата да се зголеми продуктивноста и да се подобрат перформансите на целокупната економија. Нашата цел е да дадеме еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложувања од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа. На тој начин очекуваме да се зголеми продуктивноста, а со зголемување на продуктивноста да се обидеме и да го зголемиме приходот и да ги подобриме перформансите на економијата. Затоа ние многу внимателно пристапуваме и затоа многу внимателно планираме да ги трошиме средствата што ги заработуваме и во централниот буџет, но и позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка, туку во инвестиции, изјави Мицкоски на прашање што треба да направи земјава за диверзификација на извозот и на кој начин да стане поконкурентна.

Тој нагласи дека не може еден систем кој е граден со децении да се промени преку ноќ и посочи дека е потребно време за да се појави нова опција за економијата на земјава целосно да не зависи од случувањата во Германија.

-Доколку очекуваме ние веднаш од една опција, којашто сме ја имале да имаме наеднаш 10, 20, 50 опции, тоа е невозможно, бидејќи немаме толку голем број на природни ресурси на располагање, немаме нафта, немаме гас, не сме држава на море. За да се случи тоа потребно е да ги реализираме стратешките цели на државата. Бидејќи сме земја која не излегува на море овој недостаток треба да го претвориме во предност, а тоа е да станеме раскрсница на транспортниот, железничкиот и енергетскиот коридор во овој дел од Европа. Тоа е она што како држава треба да ни даде геостратешка предност за да можеме да бидеме во радарот на големите инвеститори од големите земји, рече Мицкоски.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, неодамна изјави дека рецесијата во Германија, е еден од фактори за слабиот економски раст, но, голем дел од одговорноста лежи во Владата, која не успеа да презентира убедлив план за економски раст.

-Сè што видовме е заем од Унгарија од 500 милиони евра, а тоа не може да биде основа на економски раст. Најновите прогнози на Светска банка и ММФ, кои го намалија растот на 1,8 отсто за оваа година, се очекувани, но проблемот лежи во внатрешните фактори. Германија, која е наш најголем трговски партнер, се соочува со рецесија, што директно влијае на нашата економија. Но, голем дел од одговорноста лежи во Владата, која не успеа да презентира убедлив план за економски раст. Сè што видовме е заем од Унгарија од 500 милиони евра, а тоа не може да биде основа на економски раст,“ изјави Јовановиќ.

Тој ја нагласува потребата за итни реформи и капитални инвестиции, наместо фокусирање на краткорочни и неефективни мерки како задолжувањето и покачувањето на пензиите. Јовановиќ истакнува дека, без јасен економски план, Македонија нема да може да го подобри своето економско опкружување и да го забрза растот.