Речиси 70.000 Украинци нашле вработување во Полска откако Русија започна воена инвазија на Украина на 24 февруари, покажуваат податоците на полското Министерство за семејство и труд. Околу 75% од нив се жени, а полската влада има намера да го поедностави валидирањето на украинските дипломи и титули за да го олесни вработувањето.
Полската влада им даде на украинските бегалци 18-месечна дозвола за престој и им дозволи да се вработат, како и да им овозможи пристап до здравствени услуги, образование и социјално осигурување, објави полската новинска агенција ПАП. Досега во Полска се вработиле 69.200 Украинци, од кои околу 76 отсто се претежно вработени во централниот дел на земјата, каде се наоѓа главниот град Варшава, и на запад и југ од земјата.
Поголемиот дел од Украинците, 47,5 отсто, работат едноставна работа, 14,1 отсто од Украинците се вработуваат како индустриски работници и занаетчии, 10,3 отсто се вработуваат во услужниот сектор и како трговци, 8,5 отсто работат канцелариски работи, четири отсто се вработени како специјалисти.
Во Полска, украинските граѓани поднеле и 300.000 барања за месечен детски додаток од 500 полски злоти (108 евра), што се однесува на околу 445.000 украински деца. Според последните податоци на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), од почетокот на руската инвазија на 24 февруари од Украина избегале 4.796.245 милиони Украинци, од кои околу 2,7 милиони избегале во Полска.