Владата ќе ја намалува администрацијата, ама и ќе им ја зголемува платата на вработените во јавниот сектор кои ќе заслужат – дополнителни пет проценти како додаток на плата по заслуга. Ова е дел од програмата на Владата за следниот мандат од 2020 до 2024 година.
Фокусот на Владата ќе биде состојбите да ги промениме, со промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата. Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20 проценти, преку спојување на функции и надлежности на институциите, пензионирање на 64 години (со споменатите исклучоци), пакети за трансфер во приватен сектор или предвремено пензионирање. Вниманието ќе го насочиме кон вработување на квалитетни кадри и нивно задржување во државната служба, развој на нивната кариера и обука, наградување и плати, мотивација, стои во програмата на Владата.
Се најавува целосна реорганизација на јавната управа, која ќе започне веќе во оваа година. Се планира да се менува ситемот и навиката да „се чека од горе“, затоа што наводно ако сите одлуки ги носи еден човек, таа институција ниту е функционална ниту одржлива.
Нов концепт во средниот менаџмент – нема повеќе раководители до пензија! Целта е да воспоставиме нов систем за раководителите од среден ранг, заснован на темелни анализи и најдобрите европски практики, кој ќе обезбеди поголема мобилност и посилна мотивација за постигнување на подобри резултати, пишува во прграмата и се додава дека повисоки плати кои ќе бидат награда за резултат ќе добијат сите вработени во институцијата.
Ќе можат да добијат додатоци од 5 проценти на плата доколку ги постигнат целите кои на почеток на година Владата ќе ги утврди како нивна задача. На овој начин ќе се стимулира администрацијата да го даде својот максимум, а од друга страна и јавноста и бизнисот нема да имаат впечаток дека даваат повеќе пари за одржување на скап и бавен апарат, предвидува програмата.
Сегашниот систем на 360° оценување на вработените во административната служба не го постигнал ефектот за подобрување на работата, ниту пак во однос на одговорноста на службениците. Затоа ќе се воведе систем кој ги оценува институциите наспроти формално пополнување табели и спроведување на стратешките планови и оценка на тимовите односно одделенијата наспроти спроведувањето на акциските планови.
По примерот на Естонија, премиерот ќе формира мали групи (академска заедница, бизнис-сектор, администрација) т.н SystemInnovationunits за нудење нови, иновативни решенија за системски проблеми во државата кои се провлекуваат со години.