Се подготвува отворање на нова Агенција за шуми, а Јавното претпријатие „Национални шуми“ треба да се трансформира во Акционерско друштво. Планираните реформи во шумарството ќе се прават со финансиска поддршка од Европската унија.
До првата половина на декември се планира да биде изготвен предлогот на новиот Закон за основање на агенција за шуми. Според владиниот единствен Национален електронски регистар со агенцијата треба да се обезбедат услови за создавање поуспешен систем за стопанисување со шумите, ефикасна администрација и управување и одржлив развој на овој сектор заснован на европските стандарди.
Со проектот на Европската унија вреден 1,2 милиони евра покрај Законот за агенција за шуми ќе се создаде и нов информациски систем кој ќе помогне во подобро менаџирање со шумското богатство, спречување на нелегалната сеча, превенција и справување со пожарите и следење на движењето на дрвна маса.
Ќе се воведуваат и нови бази на податоци кои се значајни како за оваа дејност така и за ловството. Проектот е продолжение на досега завршените два помали ИПА проекти.
Со првиот се направија потребните анализи, а со вториот драфт верзија на новиот закон се ревидираше сегашната Стратегија за одржлив развој на шумските насади.
Овој трет и најголем проект треба да даде поддршка на конкретните реформи заедно со план за одржлив развој на постоечките 100 илјади хектари со шуми во државата.