Централниот регистар најави дека на почетокот на февруари  следната година ќе го стави во функција регистарот на вистински сопственици којшто ќе покажува каде некој има сопственост, удел и колкав е тој удел, како обврска од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Секој потенцијален субјект законски е обврзан да пополни соодветен формулар во кој ќе наведе каде и во колку компании има сопственост, кои се тие, каде има удел, колкава е висината на уделот, каде има акции и каде е евентуално претседател на управен одбор. Секој удел на физичкото лице во кој било правен субјект, без оглед дали е два, пет, 50 или 100 проценти треба да биде внесен во регистарот.

Демо верзијата на регистарот се очекува да биде готова до средината на следниот месец, а веќе од официјалниот старт на почетокот на февруари почнува законскиот рок од три месеци субјектите да ги пополнат потребните податоци.

– За субјектите кои веќе постојат ќе треба сметководителот да го изврши ажурирањето односно да се полни регистарот на вистински сопственици. Рокот на полнење е три месеци. По тие три месеци тој што нема да ја пополни потврдата за вистински сопственик ќе биде казнуван со закон, информираа на средба со новинари од Централниот регистар.

За иницијална регистрација кога се регистрира нов правен субјект ќе треба во рок од осум дена да пополни пријава за вистински сопственик за да може да се ажурира во регистарот на вистински сопственици.

Регистарот  на вистински сопственици требаше да воспоставен до 1 ноември годинава, но поради административни процедури задоцнило потпишувањето на договорот и примената на регистарот што е донација од герамнски ГИС.

Сопственичката структура во регистарот ќе биде исто така јавно достапна како и останатите податоци од Централниот регистар.

Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, со кој се предвидува воведувањето на регистарот е усогласен со ЕУ-директивите.

Според најавите, до крајот на првиот квартал следната година Централниот регистар ќе пушти нов портал, со кој ќе биде применет проектот на отворено владино партнерство и преку него ќе бидат отворени за јавноста поголем број податоци.