Регулаторните тела за супервизија на осигурување на Македонија и Турција потпишаа меморандум за соработка

2018-07-03 13:52

Регулаторните тела за супервизија на осигурување на Македонија и Турција потпишаа меморандум за соработка со кој се уредува соработката и размената на информации и податоци во областа на спроведување супервизија во осигурувањето.

Меморандумот, како што соопштија од Агецијата за супервизија на осигурувањето на Македонија го потпишаа претседателот на Советот на експерти Климе Попоски и заменик претседателот на Регулаторното тело за супервизија на осигурување на Турција (Undersecretariat of treasury) Ахмет Генк.

Со потпишување на Меморандумот двете страни изразија интерес и волја за поблиска соработка во иднина и размена на искуства.

Имајќи предвид дека пазарите на осигурување во Македонија и Турција се соочуваат со слични предизвици, соработката ќе придонесе преку размена на искуство, пракса и знаење значително да се унапреди работењето на двете институции и да се овозможи сеопфатна заштита на осигурениците и корисниците на осигурителни производи и услуги.

Соработката со Турскиот регулатор ќе овозможи пренос на знаења за воспоставување и супервизија на тамошните решенија за справување со последиците од природните непогоди што се засновани на принципите на јавно-приватно партнерство преку осигурителните пулови за земјоделско осигурување (TARSIM) и за осигурување од земјотрес (TCIP)