Битолска човек-фирма регистрирана за останати деловни помошни услужни дејности доби тендер во РЕК Битола вреден 61.000 евра и за тие пари ќе и продава заштитни маски за потребите на вработените кои работат во правливи услови. Ако на интернет ги впишете ознаките и потребниот стандард за секоја од двете маски излегуваат цени кои се три и пол пати пониски од тие по кои фирмата „Ти Ај Ти Сервисис“ го добила тендерот …
РЕК „Битола“ ќе плати 61.000 евра за да набави заштитни маски за еднократна употреба за своите вработени кои се изложени на прав во рудниците и во термоцентралата. Договорот го добила битолската фирма „Ти Ај Ти Солушнс“ која дала најдобра понуда во конкуренција на три понудувачи на тој дел од тендерот за заштитна опрема за која РЕК Битола ќе плати над 300.000 евра.
Фирмата со седиште во битолското село Дихово која има само еден вработен за секој од двата типа маски што ги продава на РЕК Битола ќе наплати по 201 односно 212 денари по парче. Вкупната вредност на договорот што го потпишал директорот Пеце Матевски директорот на РЕК Битола и Кирил Христовски, сопственикот и управител на фирмата од Дихово со вклучен ДДВ изнесува 4,37 милиони денари.
Проверката што направи „Фактор“ врз основа на дадената техничка спецификација од понудата покажува дека заштитни маски кои го задоволуваат стандардот EN 149 како што се бара во тендерот и при тоа имаат заштитен филтер FFP2 и FFP3 можат да се купат и по три пати пониска цена од таа што ја понудил и со која тендерот го добил најдобриот понудувач.
Кај белгискиот производител на заштитна опрема „Просејфти“ цена на маската која го задоволува барањето на РЕК Битола за маска од типот Portwest UC со филтер FFP3 NR DP351 е 1,1 евро со вклучен ДДВ. Ова е линк што води до веб страницата од која може да се изврши дури и он-лајн нарачка на тој тип на маска https://prosafety.com/en/antidust-mask/2502-portwest-ffp3-valved-dolomite-fold-flat-mask–p351.html
На следниот линк https://prosafety.com/download/pdf/certificat/51507-01_certificat_en.pdf може да се симне и сертификатот дека производот односно маската која го исполнува стандардот EN 149 FFP3 (NR D) кој бил услов за набавка на тој производ. Според понудата на „Ти Ај ТИ Солушнс“ маската што ќе ја продава на работниците во РЕК Битола е од Portwest UC од Република Ирска.
Другата маска со ознака FFP2 NR D D282 е произведена во Кина, а РЕК Битола за секое парче треба да плати 200,6 денари со вклучен ДДВ. При пребарувањето на „Просејфти“ за таков производ се појавува цена од 0,8 евра за парче. Детали има на следниот линк https://prosafety.com/en/antidust-mask/3506-m-safe-mask-ffp2-nr-certified-en149–6220.html#/logistics_color-blanc_01/logistics_size_tu-one_size?search_query=FFP2%20NR%20D%20D&fast_search=fs
На овој линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/fcc08a8c-f0e2-4df0-b75a-161a70299050 е објавен договорот на сајтот на Бирото за јавни набавки во кој се наоѓа спецификацијата на маската што ја купува РЕК Битола
Фирмата „Ти Ај Ти Солушнс“,основана 2020 година, е во сопстеност на битолчанецот Кирил Мицевски. Фирмата има само едно вработено лице, а е регистрирана за останати деловни помошни услужни дејности (неспомнати на друго место)
Најнови достапни податоци има за 2022 година, во која „Ти Ај Ти Солушнс“ направила вкупен приход од 47.000 евра од кои профит и останале 24.000 евра.