Компанијата xAI на Илон Маск ќе добие 6 милијарди долари (5,5 милијарди евра) од инвеститори за финансирање на развојот на производи за вештачка интелигенција (АИ), објави компанијата.
Новите средства ќе бидат искористени за да се донесат првите производи на компанијата на пазарот, да се изгради инфраструктура и да се забрза истражувањето на идните технологии.
„xAI ќе продолжи со оваа стрмна траекторија на напредок во наредните месеци, со бројни возбудливи технолошки ажурирања и производи кои доаѓаат наскоро“, соопшти компанијата.
xAI рече дека направила „значителен напредок“ во текот на изминатата година во развојот на технологијата, што ќе продолжи во наредните месеци.
Инвеститорите во последниот круг ги вклучуваатSequoia Capital, Fidelity Management & Research, Valor Equity Partners, Vy Capital, саудискиот принц Алвалид Бин Талал и Kingdom Holding.
Илон Маск на социјалната мрежа Х напиша дека пред инвестицијата xAI имала вредност од 18 милијарди долари (16,5 милијарди евра).
Финансирањето треба да и помогне на компанијата на Маск да се натпреварува во трката за развој на вештачка интелигенција против Microsoft и Open AI, кои го создадоа Chat GPT.
Маск ја претстави новата компанија во јули минатата година, а во ноември го објави својот чат-бот со вештачка интелигенција наречен Грок.