Особено нагло порасна цената на енергијата во домаќинствата, за 55 отсто, повеќе од двојно се зголемија цените на природниот гас (раст од 109,8 отсто), а парното греење поскапе за 35,6 отсто

Годишната стапка на инфлација во Германија се зголеми на 10,4 отсто во октомври, во однос на 10 отсто во септември, покажаа официјалните податоци објавени од Дестатис. Стапката достигна највисоко ниво од обединувањето на земјата.

Цените на енергијата сѐ уште се главната причина за поскапувањата во земјата, истакна Георг Тиел, шеф на Дестатис. Месечната стапка на инфлација исто така во октомври изнесуваше 0,9 отсто, додава Дестатис во своето соопштение.

И покрај мерките за олеснување, цените на енергијата во Германија во октомври 2022 година беа за 43 отсто повисоки отколку во истиот месец од претходната година. Особено нагло порасна цената на енергијата во домаќинствата, за 55 отсто, повеќе од двојно се зголемија цените на природниот гас (раст од 109,8 отсто), а парното греење поскапе за 35,6 отсто. Поскапе и греењето со други извори на енергија: огревното дрво, дрвените пелети или други цврсти горива се двојно поскапи (108,1 отсто).

Што се однесува до струјата, таа е поскапа за 26 отсто. Главната причина за скапите енергетски производи во целина е наглото зголемување на меѓународните набавни цени, заклучува Дестатис.