Министерот за земјоделство Љупчо Николовски ги предупреди трговците откупувачи да не си поигруваат со маката и трудот на земјоделците и да ја почитуваат законската регулатива при откуп на зеленчук. Тој денеска заедно со првите луѓе на сите земјоделски институции во државата имаа средба со земјоделците од Струмичко кои протестираа завчера и најавија засилени контроли.
Земјоделците ќе бидат дел од договорените работни групи кои ќе го следаат откупот, но и ќе се бараат решенија како да се помогне на земјоделците кои реагираат на ниските откупни цени на зелката.
Завчера градинарите од Струмичко излегоа на протест и реагираа на ниските откупни цени на зелката. Побараа средба со министерот за да им предочат дека откупувачите не го почитувале договореното со земјоделскито инспекторат. Инаку зелката од Струмичко секојдневно се откупува, но последниве денови откупната цена се намали речиси за 50 отсто.