Информациите за средствата кои Европската Унија ги доделува на невладините организации се неверодостојни и нецелосни, а нема соодветна проверка како ги трошат тие пари и дали ги почитуваат европските вредности, оцени Европскиот суд на ревизори (ЕЦА).

Во новиот извештај објавен на 7 април, судот тврди дека Европската комисија соодветно не објавила податоци за одредени активности финансирани од ЕУ, како што е лобирањето, и дека не проверува дали организациите што добиваат средства се навистина невладини и непрофитни.

Исто така, нема проактивна проверка дали овие невладини организации ги почитуваат европските вредности, како што се владеењето на правото и човековите права, што може да му наштети на угледот на ЕУ.

Членката на ЕЦА задолжена за извештајот Лаима Андрикиен изјави дека транспарентноста е клучна за обезбедување кредибилно учество на невладините организации во креирањето на политиката на ЕУ, се вели во соопштението на судот.

„Сепак, и покрај одреден напредок од нашата последна ревизија, сликата за финансирањето на невладините организации од ЕУ останува матна, бидејќи информациите за финансирањето, вклучително и лобирањето, не се ниту веродостојни ниту транспарентни“, рече Андрикиен.

Невладините организации кои се занимаваат со прашања во области како што се кохезија, истражување, миграција и животна средина добиле 7,4 милијарди евра од 2021 до 2023 година, од кои 4,8 милијарди биле обезбедени од Европската комисија, а 2,6 милијарди од земјите членки.

Во извештајот се посочуваат и случаи кога организациите се декларираат како невладини, иако нивното раководно тело се состои исклучиво од владини претставници.

Европските ревизори посочија дека за да можат носителите на одлуки да бидат поодговорни, граѓаните мора да знаат кому се доделуваат средствата од ЕУ, за какви цели и како се користат, како и дали тие организации финансирани од ЕУ ги почитуваат нејзините вредности.