Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска треба да ја соопшти новата цена на електричната енергија која ќе ја плаќаат граѓаните од 1 јули. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски не очекува ценовен шок, вели просечната цена на електричната енергија за домаќинствата нема да биде зголемена повеќе од еден процент.
На тендерот што го распиша универзалниот снабдувач ЕВН Хоме беше прифатена цената од АД ЕСМ од 60 евра за мегават часови за покривање на 85 проценти од потребите, додека за останатите 15 проценти беа пристигнати три понуди, но ниту една не беше прифатена поради тоа што понудите биле повисоки од моменталните пазарни цени.
Претходно во Собрание беа изгласани измените на Законот за енергетика со кои ќе се спречи раст на цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи. Согласно новите измени, струјата во првиот и вториот блок нема да претрпи измени додека во третиот и четвртиот, според најавите таа нема да се зголеми повече од 2 отсто.