Иако широко се верува дека автоматизацијата ќе остави без работа милиони работници во блиска иднина, напредокот на роботиката и вештачката интелигенција ќе доведат до нето зголемување на работните места, се вели во студијата на Светскиот економски форум.
Во извештајот на СЕФ се вели дека зголемувањето на учеството на роботите и автоматизацијата во производните процеси до 2025 година ќе елиминира огромни 85 милиони работни места ширум светот.
Сепак, СЕФ очекува да се отворат дополнителни 97 милиони работни места поради потребата од одржување на автоматизацијата. Со други зборови, поради зголемувањето на автоматизацијата, ќе бидат вработени 12 милиони повеќе луѓе.
„Имаше забавување на стапката на раст на создавање работни места“, изјави директорот на СЕФ, Садија Захиди, за CNBC. „Ова не е изненадувачки со оглед на затворањето на економските активности заради коронавирусот и рецесијата што следеше“, рече Захиди.
„Сепак, во исто време, гледаме дека стапката на отворање нови работни места сè уште ја надминува стапката на нивно намалување, според проекциите на раководителите на човечки ресурси во компаниите и водечките донесувачи на одлуки“, додаде Захиди.
Оваа организација очекува дека за пет години работата ќе биде подеднакво поделена меѓу луѓето и машините, односно дека компјутерите ќе преземат значителен дел од работата што се состои од административни задачи и рутинска мануелна работа, што денес го вршат „сини“ и „бели јаки“.
Зголемувањето на автоматизацијата ќе бара значително ниво на преквалификација и стекнување дополнителни вештини со цел работниците да бидат подготвени за иднината на работата. Проценките на СЕФ велат дека на половина од работниците во светот ќе им треба некаков вид дополнителна обука во следните пет години.
Сепак, лошата вест е дека прилагодувањето кон автоматизацијата ќе стане посложено поради кризата со коронавирусот, создавајќи „двојно нарушување“.
Имено, поради кризата предизвикана од пандемијата, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проценува дека глобалниот БДП годинава ќе падне за 4,4 проценти. Кризата им се закани на десетици милиони работни места во најголемите светски економии.
„Со затворања на бизниси предизвикани од пандемии и економска контракција, усвојувањето нови технологии во компаниите ќе ги трансформира работните места, работните задачи и вештините до 2025 година“, се вели во извештајот.
СЕФ особено ја истакнува брзата промена кон телекомуникациите што се случи во глобалната економија оваа пролет по затворањето на повеќето деловни простории поради епидемиолошки мерки.
Организацијата проценува дека работодавците можат да насочат до 44 проценти од работната сила да работи од дома. Сепак, извештајот додава дека 78 проценти од деловните лидери сметаат дека сегашниот тренд на теле-работа има негативно влијание врз продуктивноста, додека некои индустрии се обидуваат да се прилагодат на новонастанатата ситуација.
Работни места што ќе исчезнат и ќе се создадат
Административните работни места, како што се оператори за внесување податоци, сметководители и услуги на клиенти, се изложени на најголем ризик. Исчезнувањето, исто така, им се заканува на занимањата во производството, како што се работниците за составување индустриски производи или механичарите. Зголемената побарувачка ги чека аналитичарите на податоци, експертите за машинско учење и дигитална трансформација, а новите работни места вклучуваат експерти за дигитален маркетинг и автоматизација на процесите, како и развивачи на софтвер.
Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк