Дождовите негативно се одразија на приносите и на квалитетот. Македонија е увозно зависна од пченица и во последниве години увозот се движеше накај 20 проценти. Во моментов цената на пченицата расте на светските берзи.
За кус период речиси се ожнеа пченицата од нивите, но земјоделците се разочарани од она што го добија – не само како цена, туку и како принос и квалитет. Според претседателот на Асоцијацијата на земјоделци и фармери на Македонија Перо Стојкоски, годинава приносите се за 50 отсто помали од лани, а се со низок квалитетот.
– Имавме многу дождови и преголемата влага си го направи своето. Од она што го планиравме како принос потфрливме 50 проценти. Насадивме пченица на 13 проценти повеќе површина во однос на претходната сезона, но, за жал, нема да добиеме поголемо производство. А, приносите секогаш се врзани и со квалитетот. Тоа што имаме ниски приноси значи и дека имаме низок квалитет – вели Стојкоски.
Тој вели дека земјоделците се задоволни од одлуката на Владата за набавката на домашна пченица за стоковните резерви. Агенцијата за стокови резерви, планирана јавна набавка на 15.000 тони пченица, но цената сѐ уште не е прецизирана.