Далибор Рохач од „Американ Ентeрпрајс Институт“, на сослушувањето за кинеското влијание во Централна и Источна Европа во Поткомитетот за Европа на Претставничкиот дом на САД изјави дека „дваесет проценти од надворешниот долг на Северна Македонија е кон Кина“.

Кон Кина, Црна Гора должи речиси 40% од надворешниот долг, нагласи тој.

„НАТО членките Црна Гора и Северна Македонија, пак, забележаа кинески инвестиции во нивната патна инфраструктура, железница и енергетскиот сектор“, изјави Рохач, додавајќи дека тоа треба да ги загрижува и локалните политички елити и креаторите на политиката во Вашингтон.

Кина во просек инвестирала околу една милијарда долари годишно во Западен Балкан од 2011 година, според информациите од Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.

Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Црна Гора и Србија, официјално се приклучија на Кинеската иницијатива „Појас и пат“. Сите тие, исто така, се членки на рамката 17+1 (сега 14+1), платформа иницирана од Пекинг, наменета за проширување на економската и дипломатската соработка меѓу Пекинг и Централна и Источна Европа.

Според Рохач, САД не треба да се плашат да реагираат кај сојузниците кои одложуваат да донесат одлука, или „како Унгарија, активно го поттикнуваат кинеското влијание“.