Денеска истекува рокот за купување граѓански обврзници од втората емисија!

Рокот во кој граѓаните можат да запишат граѓански обврзници од втората емисија истекува денеска. Како што соопшти Министерството за финансии, аукцијатаќ е се одржи утре, а барањето за учество на аукцијата и уплата на средствата за кои граѓаните сакаат да купат граѓански обврзници може да го направат во сите деловни банки во земјата.

Граѓаните кои ќе запишат граѓански обврзници за својата инвестиција ќе добијат камата или принос од 5 отсто годишно, односно за две години вкупно 10 проценти на вложениот износ. Исплатата на првиот купон ќе се изврши на 14 ноември 2024 година, додека вториот купон, односно каматата за втората година на 14 ноември 2025 година, истовремено со исплатата на вложените средства. Граѓаните можат да вложат минимално 10.000 денари, со купување на една граѓанска обврзница.

Министерството за финансии, проспектот за втората емисија Граѓанска обврзници го објави на 18 октомври на износ од 10 милиони евра. Граѓаните имаат можност да уплатат средства за запишување граѓански обврзници денеска, а утре ќе се одржи аукцијата по што почнува процесот на запишување на граѓанската обврзница на име на граѓаните во Централниот депозитар за хартии од вредност.
Граѓанската обврзница е нов инструмент на домашниот финансиски пазар кој го издава државата. Инвестицијата во граѓанска обврзница е безризична и сигурна, носи атрактивен принос за граѓаните и при тоа ја штити вредноста на нивните пари – се наведува во соопштението.

Граѓанската обврзница на пазарот е присутна од јули оваа година кога беше објавена првата емисија. Покрај граѓанската обврзница како нов инструмент, од Министерството за финансии додаваат дека ја лансираше и Зелената обврзница, а ќе следуваат и развојната и проектната обврзница. Целта на овие обврзници е мобилизирање на приватниот капитал во функција на развојот и забрзување на економскиот раст.