Рокот на застареност за давање на предметот на извршител е 5 години, а потоа тече рокот за наплата од 10 години. Кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.
Многу недоумици и коментари предизвикаа измените на Законот за облигациони односи. Главниот момент што беше истакнат од предлагачот, но и од владејачката СДСМ, е дека се скратува рокот за застареност од 10 на 5 години од правосилноста на одлуката. Но, како што објаснуваат правните експерти, крајниот рок во кој еден долг може да се наплати е до 15 години, затоа што едно е во кој рок може да се поведе постапката за извршување, а друго е рокот во кој извршителот може да презема дејства до конечна наплата на долгот. Така, рокот на застареност за давање на предметот на извршител е 5 години, а потоа тече рокот за извршување од 10 години. Новите рокови важат и за веќе започнатите предмети.
Иако, и овие законски измени сè уште изгледаат застрашувачки за граѓаните, сепак новото законско решение е многу поповолно од претходното. Во Законот е предвидено и дека кога „износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“.
Снежана Калеска-Ванчева од СДМ објаснува дека во минатото немало краен рок на извршување, па така тоа можело да трае во недоглед.
– Со измените се скрати општиот рок на застареност од 10 на 5 години. Тоа значи дека, ако има побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука, рокот за поднесување на барање за присилна наплата сега е до 5 години. Значи, ако имаме правосилна судска одлука од 1 јануари 2023 година, барање за извршување може да се даде до 1 јануари 2028 година, а потоа почнува да тече нов рок од 10 години, што се нарекува апсолутен рок на застареност. Секако, може да се даде барање за присилна наплата порано од крајниот рок до 5 години, на пример за правосилната судска одлука од 1 јануари 2023 година да се даде по три години на 1 јануари 2024 година. И оттогаш пак течат 10 години рок за извршување – објаснува Калеска-Ванчева, која зад себе има и долгогодишна адвокатска кариера.