Минималната плата ќе биде повисока за оние со високо образование или 15 години работно искуство
Романската влада одлучи да воведе диференцирана минимална плата на две нивоа, објави Асошиетед прес.
Според воведената мерка, минималната месечна плата во земјата изнесува 2080 леи (507 долари) од 1 јануари, но вработените со високо образование или 15 години стаж ќе добијат најмалку 2.350 леи (573 долари) месечно.
Досега минималната плата во Романија, независно од образованието, беше 1900 леи (463 долари).
Француската трговско-индустриска комора во Романија ја критикува одлуката, велејќи дека тоа ќе доведе до зголемување на трошоците за работна сила и дека дефинираните нивоа не им овозможуваат на компаниите да го регулираат својот буџет. Според нивната анализа мерката ќе доведе до зголемување на инфлацијата и ќе ja направи Романија помалку атрактивно место за инвестирање.
Организацијата е составена од 3000 компании кои вработуваат 120.000 луѓе и заработуваат 17 милијарди евра, објави АП.
Прогнозата за економскиот раст на Романија во 2018 година беше деградирана уште во јули од 6,1% на 5,5% поради пониски од првично очекуваните резултати во различни сектори.
Според последните проекции БДП на Романија ќе достигне 945 милијарди леи (203 милијарди долари) во 2018 година За споредба – минатата година оценката за БДП беше во вредност од 858,7 милијарди леи.
Очекуваниот економски раст за оваа година ќе биде потпомогнат од финалната потрошувачка, иако проценката веќе е намалена. Во април, Министерството за финансии предвиде потрошувачката на земјата да порасне за 6,3% за годината. Сепак, според летната прогноза, ќе има забавување до 5,4%.