Москва призна дека има проблеми со извозот на нафта поради санкциите кои и беа наметнати од почетокот на војната, која ја нарекува „специјална операција“ во Украина. Затоа таа најави зајакната соработка со Азија.

САД воведоа ембарго на руската нафта, но ЕУ е многу повеќе зависна од руските енергенси, а економистите предупредуваат дека целосното ембарго на рускиот гас ќе ја турне европската економија во рецесија. Дополнително, Русија бара од „непријателските“ земји кои воведоа санкции кон Москва, да го платат гасот во рубљи.

„Роснефт“ на аукцијата понуди 6,5 милиони тони нафта, кои требаше да бидат испорачани од руските пристаништа во мај и јуни, но до понеделник не стигна понуда, соопштија пет трговци, пишува „Пословни дневник“.

Роснефт не одговори веднаш на барањето да ги коментира информациите.

Условите на аукцијата се многу тешки, изјавија трговците, додавајќи дека на Роснефт ќе му биде тешко да продава нафта и дека тие не се променети бидејќи повеќето европски нафтени компании и трговски куќи постепено го прекинуваат снабдувањето со нафта од руската компанија.

Индиските рафинерии не доставија понуда, а дел од барелите наменети за далечниот исток се нудеа со премногу краток рок на испорака.

Индија го удвои купувањето на руска нафта од почетокот на рускиот напад врз Украина, и покрај апелите на Вашингтон за да ги намали набавките, потсетува Ројтерс.

„Конкретните услови и краткиот рок бараат индивидуални преговори“, изјави извор од азиска трговска куќа, додавајќи дека дел од понудените барели може да се продаваат во зделки далеку од очите на јавноста.

Друг информиран извор изјави дека главната цел на аукцијата била „да се објави на пазарот дека ќе треба да се плати во рубљи“ и дека, според него, тоа е постигнато.