Рубљата падна на најниско ниво во последните три месеци во однос на доларот поради засилените геополитички ризици и остриот пад на акциите на „Гаспром“, објави во понеделникот Ројтерс.

На почетокот на неделата, еден долар се тргуваше за повеќе од 63 рубљи по една недела непречен пад на руската валута, која минатата недела започна со околу 60 рубљи за долар.

Геополитичките ризици и санкциите ги погодија руските пазари во последните недели откако претседателот Владимир Путин анектираше четири региони на Украина, откако Москва одржа т.н. „референдуми“ – гласања кои беа осудени од Киев и западните влади како нелегални и принудни.

Експлозии го потресоа Киев во понеделникот, два дена откако силна експлозија го оштети мостот што ги поврзува Русија и полуостровот Крим, кои Москва ги анектираше во 2014 година.

Во понеделникот попладне, рубљата беше за 3,1% послаба во однос на доларот, тргувајќи се за 62,88, откако претходно за прв пат од 7 јули премина 63 рубљи за долар.

Руските берзи се отворија на најниско ниво во последните неколку месеци, повлечени со пад од над 20 отсто на акциите на „Гаспром“, пред да се намалат некои загуби во текот на денот.

Аналитичарите во Veles Capital велат дека геополитиката и намалувањето на дивидендите од „Гаспром“ и нафтената компанија „Татнефт“ ќе ги задржат руските акции под притисок.