Русија ги отфрли обвинувањата дека го користи природниот гас како алатка за уцена, додавајќи дека е сигурен снабдувач со енергенси.

ЕУ ја обвини Русија за уцена откако „Гаспром“ денеска прекина да им испорачува гас на Полска и Бугарија, зашто одбиле да плаќаат за него во рубли. Од членките на Европската Унија само Унгарија прифати да плаќа за рускиот гас во рубли, но држави како Австрија и Германија денеска немаа проблеми со снабдувањето.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, одби да каже колку земји се согласиле да плаќаат за гасот во рубли, повторувајќи дека Русија ја вовела оваа мерка поради санкциите од „непријателските“ држави.

„Оваа потреба беше диктирана од фактот дека значителни количества од нашите резерви беа блокирани, поточно украдени. Така што, нема збор за уцена. Доколку и други потрошувачи не ја почитуваат наредбата на Путин, и на нив ќе биде применето исклучувањето“, кажа Песков.

Бугарската влада кажа дека била подготвена за овој руски потег. Премиерот Кирил Петков ги уверуваше Бугарите дека нема да има недостиг од гас и дека грчката влада се понудила да помогне со течен природен гас.

Бугарија добива 90% од гасот од Русија, со што е поранлива на суспензијата од Полска.