Воените власти на Мали склучија договор со Русија за изградба на рафинерија за злато во Бамако, главниот град на таа земја, пренесоа агенциите, oбјави Политика. Необврзувачкиот Меморандум за разбирање вклучува изградба на рафинерија за злато со капацитет за преработка на 200 тони злато годишно, објави министерот Алусени Сану на државната телевизија. Во најавата на хунтата од Бамако не се прецизираат роковите за почеток и завршување на изградбата на рафинеријата, која според сегашните најави, би можела да биде најголема од ваков вид во регионот на Западна Африка.
„Ова ќе ни овозможи не само да го контролираме целото производство на злато, туку и да можеме правилно да ги примениме сите даноци и давачки“, рече Сану. Индустриското производство на злато во Мали лани изнесувало 66,2 тони. Мали е еден од најголемите производители на злато во Африка, произведе 72,2 тони злато во 2022 година, што претставува 66,2 тони индустриско производство и зголемување од 8,4 отсто според статистичката агенција на Мали. Златото сочинува околу една четвртина од фискалните ресурси на Мали, што го прави една од водечките земји за производство на злато на Црниот континент. Најголем дел од златото од Мали денеска се извезува во Јужна Африка, Швајцарија и Австралија.
Во август, Мали усвои нов кодекс за рударство кој ѝ дозволува на државата да преземе до 30 отсто удел во нови проекти за минерали и да собира повеќе приходи од виталната индустрија. Односите меѓу Мали и Русија се зајакнаа во последниве години, особено по државниот удар во 2021 година и повлекувањето на француските сили од операцијата Бархане во 2022 година.