Русија ќе треба да подигне повеќе даноци за да ја финансира војната во Украина, рекоа економистите, истакнувајќи дека веќе објавените мерки за зголемување на приходите нема да бидат доволни за финансирање на зголемените воени трошоци на земјата.

Нацрт-буџетот на Русија за 2025-та година предвидува околу една третина од вкупните трошоци, или 6,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП) да оди за војската, што е највисоко ниво од Студената војна. За прв пат уделот на трошоците за одбрана ќе биде двојно поголем од социјалните трошоци.

Огромното зголемување на воените трошоци предизвикува инфлациски притисок во руската економија. Каматните стапки се искачија на највисокото ниво од 2003-та година, а рубљата го достигна најниското ниво за една година во однос на доларот. Со оглед на тоа што западните санкции ефикасно го забрануваат пристапот на Москва до меѓународните пазари на обврзници, нејзините опции за собирање средства се ограничени.

Владата веќе почна да ги зголемува даноците за да ја финансира војната во Украина, која сега е трета година. Големата даночна ревизија се очекува да донесе дополнителен приход во вредност од 1,7 отсто од БДП-то во 2025-та година. Економистите велат дека тоа нема да биде доволно.

„Прилагодувањето на локалните даноци ќе остане постојан фокус на вниманието на властите. Можно е во 2025-та година да видиме многу иницијативи за измена на даночното законодавство и регулативи“, коментира Алексеј Климјук од „Alfa Wealth“.

Очекуваниот пад на цената на нафтата, главната извозна стока на Русија, фрла сенка и врз финансиите на земјата. Нацрт-буџетот предвидува цената на нафтата да падне од просечните 70 долари за барел во 2024-та година на 65,5 долари за барел во 2027-ма година, што ќе ги поткопува приходите.

„Оваа структура го прави буџетот многу зависен од цената на нафтата. Тоа значи дека ако не во 2025-та година, тогаш барем во наредните години повторно ќе се постави прашањето каде да се најдат дополнителни приходи“, коментира Наталија Орлова, главен економист на „Alfa-Bank“.

Мал простор за маневрирање

Министерот за финансии Атон Силуанов минатата година рече дека нема простор за зголемување на трошоците и предупреди дека ако не се ограничи, товарот ќе падне на руските граѓани и бизниси преку инфлација и повисоки даноци.

И двете се случија. Инфлацијата е повеќе од двојно поголема од целта на централната банка, а основната каматна стапка е 21%, највисока од раните години на владеењето на претседателот Владимир Путин.

Руската економија помина изненадувачки добро од почетокот на војната и покрај санкциите на Западот, и нема значителни знаци на јавно незадоволство во услови на историски ниска невработеност и рекорден раст на платите.

Зголемениот корпоративен и персонален данок на доход, заедно со даноците на новите автомобили и низа помали даночни иницијативи кои треба да стапат на сила во 2025-та година, се очекува да генерираат 14,7 трилиони рубљи за период од три години.

„Ова е буџет на повисоки даноци, трошоци за сервисирање на долгот и геополитички трошоци“, вели Евгениј Надоршин, економист во „PF Capital“.

Тој посочи на повисок „данок за излез“ за странските компании и план за зголемување на придонесот на руските купувачи на нивните средства како примери за даночни иницијативи од страна на владата.

„Буџетот никогаш не бил толку фискално фокусиран на извлекување приходи од секој можен извор како во последно време“, забележува Надоршин.

Кратења на трошоците на друго место

Другите мерки што треба да се воведат во 2025-та година вклучуваат намалување од 11,6 отсто на поддршката за малите бизниси и 11 отсто намалување на финансирањето на програмите за развој на образованието, покажува анализата на „Reuters“ за нацрт-буџетот.

Субвенциите за регионалните буџети за социјална помош, вклучително и дополнителните средства за државните пензии, ќе бидат намалени за 31%, а финансирањето на програмата за модернизација на јавните услуги ќе се намали за 35%.

„Буџетот за 2025-та година покажува дека Путин е принуден да ги намали трошоците во речиси сите области за да ја финансира војната“, рече економистот Сергеј Алекнашенко, поранешен заменик-гувернер на централната банка.

Заменик-министерот за финансии Владимир Колишев забележува дека додека воените трошоци пораснале за 3%-3,5% од БДП во воените години, вкупните трошоци се зголемиле за само 2%.

„Ова покажува приоритизација, што значи дека преостанатите трошоци се ефективно намалени за 1-1,5% од БДП, таква е фискалната консолидација сега“, рече Колишев во едно од ретките јавни признанија за промената на приоритетите на Владата.

Дури и „националните проекти“ на претседателот Владимир Путин – плановите за развој на стратешки важни области – се загрозени бидејќи дел од финансирањето е пренасочено на 2028-2030 година, вели економистот Андреј Клепач, поранешен заменик-министер за економија.

„Во 2026-2027 година ќе треба да најдеме добри можности преку нераспределени средства и резерви за да обезбедиме конзистентност и стабилност. Во спротивно, целните параметри ќе бидат изложени на ризик“, забележува тој.