Руската централна банка ја зголеми својата главна каматна стапка за 100 базични поени на 16 отсто и ја потврди својата позиција дека проинфлаторните ризици остануваат високи, а економијата расте побрзо од очекуваното, јави ДПА. Зголемувањето го очекуваа економистите.
Одборот на директори на банката, на чело со Елвира Набиулина, изврши уште едно прилагодување на клучните каматни стапки, кои беа зголемени за 850 базични поени во изминатите пет месеци во обид да ја заузда инфлацијата и да ја стабилизира рубљата, која во еден момент допре до ниво над 100 за долар.
Инфлацијата во Русија годинава се очекува да биде на ниво од 7-7,5 отсто, но следната година да се намали на 4-4,5 отсто, а потоа да се стабилизира околу 4 отсто.
„Враќањето на инфлацијата на посакуваните нивоа во 2024 година и стабилизирањето околу 4 отсто сугерира дека цврстата монетарна политика ќе се одржува долго време“, се вели во официјалното соопштение на банката.
Економскиот раст се очекува да ги надмине претходните прогнози и да надмине 3 проценти на годишно ниво, главно поради зголемената домашна потрошувачка, пренесе БТА.
Како резултат на потегот на централната банка, рубљата загуби некои од своите позиции пред ручекот и падна за 0,4 отсто во однос на доларот на 90,20 рубљи и 0,1 отсто во однос на еврото на 98,87 евра во попладневната трговија.