Иако обновувањето на руската рубља се злоупотребува како доказ дека Русија се справува со западните санкции, постојат знаци дека финансискиот сектор на земјата се опоравува од првичниот шок од воведувањето санкции кон Москва, пишува лондонски Фајненшл Тајмс.
Британскиот весник наведува дека економистите на Институтот за меѓународни финансии (IIF), Елина Рибакова и Бенџамин Хилгенсток, со право истакнуваат дека скокот на вредноста на рубљата не треба никого да изненади. Увозот значително се намалил, каматите се удвоија, воведена е строга контрола на капиталот, а Русија продолжува да акумулира странски приходи со продажба на нафта и гас.
Приходите на Русија од нафта и гас се „апсолутно монструозни“, според ФТ, цитирајќи ја проценката на IIF дека Русија заработувала повеќе од 1 милијарда долари дневно во март, што ќе и помогне да се надомести дел од девизните резерви на централната банка доколку нема промена во продажбата на тие енергенти, замрзнати од Западот.
Иако операциите на руската централна банка во однос на девизните резерви се ограничени поради санкциите, поради високиот суфицит, Русија треба да може да ги врати „изгубените резерви“ за релативно краток временски период, пишува весникот.
Се чини дека се стабилизираше и рускиот банкарски сектор, откако граѓаните во првите денови по рускиот напад на Украина подигнаа голема сума пари од своите сметки, се наведува.
IIF заклучува дека ако Западот сака да го задржи притисокот врз Русија, а особено ако сака да го зголеми, ќе мора постојано да ги шири санкциите, на пример со отстранување на повеќе руски банки од меѓународниот платен систем SWIFT, наведува лондонскиот дневник.
Следниот голем чекор, сепак, ќе биде ембарго на извозот на нафта и гас, што експертите на IIF го оценуваат како возможно, додава весникот.
Аналитичарите на Фајненшл Тајмс веруваат дека следните чекори најверојатно дополнително ќе ги заострат санкциите кон рускиот финансиски сектор, со потенцијално исклучување на дополнителни руски институции од системот SWIFT.
Тие наведуваат и дека сè помалку е веројатно дека противењето на ембаргото за увоз на руски енергенски, кое во многу европски земји е сè уште доста високо, ќе може да трае подолго време доколку се појават нови докази за руски злосторства во Украина.