Најголем раст на побарувачката е забележан во Русија, Кина и Европа

Гаспром го зголеми производството на природен гас за 15,2% или 58,8 милијарди кубни метри во текот на десет и пол месеци од оваа година, во споредба со истиот период во 2020 година, што ќе покрие повеќе од една третина од растечката потрошувачка на гас во светот.

„Повеќе од една третина од постепениот раст на потрошувачката на гас во светот ќе биде покриен со зголемувањето на производството на Гаспром. Затоа, компанијата не само што го поддржува сигурното работење на рускиот сектор за гориво и енергија, туку дава и значаен придонес во глобалниот енергетски пазар“, велат од компанијата.

Според прелиминарните податоци, потрошувачката на природен гас во светот ќе се зголеми за 150 милијарди кубни метри на вкупно 4,2 трилиони кубни метри. Најголем раст на побарувачката е забележан во Русија, Кина и Европа, главните пазари на Гаспром.

Рускиот гасен гигант најави и дека не планира да произведува гас од шкрилци, што, како што истакнува, има негативно влијание врз животната средина, бидејќи има докажани резерви на гас на конвенционалните наоѓалишта.

Гасот од шкрилци, кој се произведува со методот на хидраулично кршење на карпите, ќе се здобие со статус на „контаминиран“ извор на енергија како што расте важноста на еколошката агенда, смета Гаспром.

Потсетуваме, вчера беше вест дека Бајден, претседателот на САД, ослободува 50 милиони барели нафта од американските стратешки резерви, а сега е објавено дека истата одлука ја донела и Јапонија.

Имено, таа земја на пазарот ќе пушти неколку стотици илјади килолитри нафта од своите национални резерви, но се уште не е одреден временскиот план за продажба, изјави министерот за индустрија Коичи Хагиуда.

Премиерот на Јапонија, Фумио Кишида, претходно најави дека неговата влада ќе пласира дел од нафтата од резервите, на барање на САД, на начин што нема да го прекрши јапонскиот закон, кој дозволува продажба од резервите само доколку постои ризик од прекин на снабдувањето.