Шеснаесет руски бизнисмени кои се кријат во Лондон и други места во Велика Британија поради разни криминални обвиненија, бараат Москва да им дозволи да се вратат дома и да бидат амнестирани. Оваа листа која ја состави рускиот “бизнис правобранител” Борис Титов беше испратена во Кремљ. Титов вели дека многу руски бизнисмени се уште не можат да се вратат во својата земја, иако нивните случаи се фактички веќе затворени поради тоа што тие се уште се водат како активни пред руските судови. Некои од нив се надвор од Русија повеќе од 20 години. Иако тие се веќе исклучени од листата на Интерпол сепак во Москва нивните случаи сеуште се водат.
Според Титов праведно би било на бизнисмените кои се обвинети за измама да им се даде можност да ја платат казната, која е трипати поголема од обемот на штета кои тие го предизвикале со своето работење, без притоа да бидат затворени. Ова според него е подобра варијанта од економски аспект, бидејќи на тој начин компаниите нема да банкротираат а нивните сопственици нема да емигрираат од земјата земајќи го нивниот капитал.
На ова стигна одговор од претседателскиот секретар за односи со јавноста Дмитри Пешков кој потврди дека ја примиле листата составена од Титов. Одговарајќи на прашањето дали претседателот Путин ќе ги помилува протераните претприемачи, тој изјави дека “најдобрата гаранција за нив е легислацијата на Руската Федерација која е независна од волјата на претседателот“.