Соединетите Држави делумно ги укинаа санкциите против владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, откако беше постигнат договор меѓу неговата социјалистичка влада и опозицијата, кој вклучува план за одржување слободни претседателски избори следната година, информира „Сега.бг.њус“.
Шестмесечната општа лиценца која привремено одобрува трансакции поврзани со секторот за нафта и гас во Венецуела, како и втората општа лиценца со која се овластуваат операциите на државната венецуелска компанија за ископување злато Минервен, беа објавени во соопштението на американскиот Стејт департмент и Министерството за финансии.
Покрај тоа, администрацијата на Бајден, исто така, ја укина забраната за тргување со одредени венецуелски суверени обврзници и финансиски инструменти кои припаѓаат на државната нафтена компанија Петролеос де Венецуела. Сепак, САД се подготвени да ги вратат санкциите доколку венецуелскиот режим не ги исполни своите обврски. Белата куќа очекува конкретни дејствија од владата на Мадуро до крајот на ноември, вклучително и овластување на кандидатите на опозицијата да учествуваат на претстојните избори и „почеток на ослободување“ на сите американски граѓани незаконски приведени во земјата.