Како што соопшти Државната благајна на САД Америка планира да се задолжи за околу 294 милијарди долари. Тоа е највисоката сума за една недела по рекордот поставен за време на финансиската криза во 2008 година.
Федералните приходи се намалија по намалувањето на даноците што го воведе претседателот Доналд Трамп, па владата мора да се задолжи за да врзе крај со крај.
„Неделава екстремно многу ќе се задолжиме“, вели Рик Рајдер, шеф на одделението за глобални инвестиции со фиксен приход во „BlackRock“, најголемата компанија за менаџирање на активи во светот.
Владата ќе се задолжи краткорочно и долгорочно, но овие задолжувања се случуваат во незгодно време за САД, имајќи предвид дека Трамп минатата недела вети дека ќе воведе најразлични царински тарифи за Кина, земја која поседува најмногу државни обврзници на САД од сите други странски земји.
Кина на тоа одговори дека ако има трговска војна, ќе се бори „до крај“.
Кина поседува 1,17 илјади милијарди во обврзници од долгот на САД.