САД ќе купуваат 77 милиони барели нафта на домашниот пазар за стратешки резерви, соопшти Министерството за енергетика.

„По наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, Министерството за енергетика ќе ги надополни максималните стратешки резерви на нафта со купување 77 милиони барели сурова нафта произведена во САД“, се вели во соопштението на Министерството.

Министерството распиша тендер за набавка на првиот дел од 30 милиони барели. Цените на нафтата на светскиот пазар паднаа по неуспехот на договорот за намалување на производството. Договорот помеѓу Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и земјите надвор од тој картел за намалување на производството на нафта е во сила од почетокот на 2017 година. Договорот неколкупати беше продолжен, а условите се менуваа.

До крајот на минатата година договорот предвидува намалување на производството од 1,2 милион барели на ден во однос на нивото од октомври 2018 година, а за тековниот квартал картелот го намали своето производство на нафта за 1,7 милион барели. Москва не се согласи на картелскиот предлог за понатамошно намалување на производството како резултат на ширењето на коронавирусот.

Членовите на ОПЕК не успеаја да се договорат на 6 март за промена на параметрите на договорот за намалување на производството на нафта, ниту за продолжување на договорот. Како резултат на тоа, обврските за ограничување на производството на нафта се укинуваат од 1 април.