САД сакаат да соработуваат со Кина за да ги решат глобалните проблеми како што се негативните климатски промени и развојот на вештачката интелигенција, изјави американската министерка за трговија Џина Рајмондо за време на нејзината денешна средба во Пекинг со кинескиот премиер Ли Чијанг.
Од своја страна, Ли посочи дека стабилните економски односи и добрата трговска соработка меѓу Кина и САД ќе претставуваат корист не само за двете земји, туку и за целиот свет.
Џина Рајмондо е уште еден висок претставник на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден што ја посети Кина во услови на затегнати односи меѓу САД и Кина. Главната цел на нејзината посета на азиската земја е да ја подобри комуникацијата меѓу лидерите во Вашингтон и Пекинг, особено во економската сфера.