САД долго време се најважниот извозен пазар на германската економија. Минатата година, Американците купија стоки од 157,9 милијарди долари со ознака „произведено во Германија“.
Ова опфати речиси една десетина од извозот на Германија и е најголем удел во последните 20 години, објави во средата националната статистичка служба Дестатис.
Германските компании најмногу извезувале фармацевтски производи, машини и автомобили на тој пазар. Во 2023 година, САД беа најголемиот купувач на германски извоз деветта година по ред.
Трендот продолжи и во првата половина од оваа година, велат статистичарите. Се зголеми и увозот на американски стоки во Германија, иако со побавна стапка од извозот. Производите од САД со 94,7 милијарди учествуваат со 6,9 отсто од вкупниот увоз – највисок од 2004 година. Билатералниот трговски суфицит лани изнесуваше 63,3 милијарди евра, а во првата половина од годинава достигна 34,7 милијарди.
Со ниту една друга земја Германија нема таков вишок во трговијата. На тесната поврзаност меѓу двете економии говори и фактот што минатата година 11,5 отсто од сите 38.500 компании во странска сопственост во Германија биле американски филијали. Поголем удел во тој сегмент има само Швајцарија со 12,8 отсто.
Тие 4.400 американски компании во Германија вработуваат околу 775.000 луѓе и остваруваат обрт од 416,5 милијарди евра. Според податоците на Бундесбанк, 6.100 германски компании во САД вработуваат 964.000 луѓе и имаат обрт од 828 милијарди евра годишно.