Во Кавадарци викендов ќе се одржи предновогодишен саем на мали тиквешки семејни винарии кое се организира од страна на истоименото здружение.

На саемот ќе присуствуваат над 35 мали винарии, а посетителите ќе имаат можност да се запознаат и дегустират над 200 сорти вино, 30 сорти ракии, 30 вињаци и да вкусат храна од четири производители.

Организаторите велат дека цел на настанот е да ги поттикнат Македонците да купуваат производи од малите винарии. Оние кои ќе го посетат саемот, како што посочуваат, ќе имаат можност да се уверат во одличниот квалитет кој го нудат винариите, а на таков начин ќе го разгласат фактот дека во државава има квалитетно вино кое го произведуваат малите тиквешки винарии.

Поголемиот дел од винариите-изложувачи имаат освоено многубројни награди и признанија на престижни светски саеми, а тоа укажува на фактот дека малите семејни винарии се новите амбасадори промотери на македонското вино ширум светот, оценуваат организаторите.