Само пет фирми ќе се офајдат ако се преполови данокот на добивка за фирмите што заработуваат над 50 милиони евра годишно.
Буџетот би останал покус за над 18 милиони евра, а тие пари ќе останат во касите на Џонсон Мети, Јавното претпријатие за државни патишта и трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави намалување на данокот на добивка за фирмите што заработуваат над 50 милиони евра од 10 на 5 проценти. Во моментов се анализираат приходите во буџетот. Премиерот смета дека со намалувањето ќе почнат да влегуваат повеќе пари по таа основа во буџетот.
Идејата е дека со намалување на данокот на добивка, земјава ќе привлече големи светски мултинационални компании кои би се преселиле во Македонија привлечени од ниските давачки. Се очекува и намалување на сивата економија.
Професор Арбен Халили се сомнева дека тоа ќе ги постигне посакуваните ефекти. На странските компании им е поисплатливо да инвестираат во технолошко-индустриските развојни зони, каде што 10 години се ослободени од данокот на добивка, а имаат и други погодности.
„Имајќи предвид колкав е бројот на фирми коишто заработуваат толку голем износ, сметам дека нема да има некое значително влијание ни во самиот буџет, ни во придобивките во општеството или како потенцијални дополнителни инвестиции кои може да се направат со тоа намалување. Се работи за многу мал број на фирми, кои најверојатно сега треба да си наплатат нешто што, условно кажано, го имаат инвестирано пред изборите или во кампањата“, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.
Намалувањето на данокот на добивка за тие што заработуваат повеќе беше едно од предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ. Според ветувањата на партијата, фирмите што заработуваат од 20 до 30 милиони евра, ќе плаќаат 8 отсто данок на добивка, тие од 30 до 50 милиони ќе плаќаат 6 отсто, а тие што заработуваат над 50 милиони евра – 5 отсто, наместо досегашните 10 отсто. Мицкоски вчера ги спомена само тие што заработуваат на 50 милиони евра.
Анализите покажуваат дека во изминатата година, само 13 фирми заработиле над 20 милиони евра. Тука се банките, Телеком, ЕВН, Алкалоид, Цементарница и Државната видеолотарија.
Само пет фирми имале добивка поголема од 50 милиони евра – Џонсон Мети, трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка и Јавното претпријатие за државни патишта. Овие пет фирми лани заработиле чисти 340 милиони евра, а платиле данок на добивка од 37 милиони евра. Кога овој данок би им се преполовил, буџетот би останал покус за над 18 милиони евра.
Минатата година, по основ на данок на добивка во буџетот се собрани скоро 17 милијарди денари, односно 275 милиони евра. За годинава се планира по овој основ во буџетот да легнат 316 милиони евра. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека наплатата засега оди добро. За половина од годината прибрани 194 милиони евра, односно над 60 проценти од планираното за целата година.
Владата на СДСМ во 2019 година воведе прогресивен данок на доход, односно повеќе да плаќаат оние кои заработуваат повеќе, но по само една година го укина. Сега Владата на ВМРО-ДПМНЕ најавува обратна ситуација – тие што повеќе заработуваат да плаќаат помалку данок на добивка.