Нафтениот гигант Сауди Арамко започна со продажба на својата прва исламска обврзница делумно во долари (сукук).

Најголемата светска енергетска компанија се реши на тој чекор со цел да собере пари за исплата на дивиденда во износ од 75 милијарди долари.

Според извештајот на саудиската новинска агенција, продажбата на сукук или исламски обврзници, според шеријатот, ќе заврши на 17 јуни, пренесува „Русија денес“.

Агенцијата не прецизираше колку пари сака да собере Арамко.

Компанијата нуди сукук со рок на достасување од три, пет и 10 години, изјавија неименувани извори за ова прашање до њујоршката агенција „Блумберг“.

Продажбата на доларски сукукови доаѓа по две претходни емисии на обични обврзници, од кои првата, во вредност од 12 милијарди долари, беше организирана во 2019 година, а втората, 8,0 милијарди долари, во ноември минатата година.

„Арамко“ вети дека ќе исплати дивиденда во обид да генерира интерес на инвеститорите за своето деби на берзата на саудиската берза во декември 2019 година.

Сепак, компанијата мораше да ја намали потрошувачката, бројот на вработени и да продава секундарни средства бидејќи пандемијата на Ковид-19 и минатогодишните мерки за затворање на економиите низ целиот свет ја намалија побарувачката за нафта, која е главен извор на приход за ова кралство.

Приходите од нафтата на „Арамко“ сочинуваат околу 40 проценти од бруто домашниот производ на Саудиска Арабија, а неодамнешниот пораст на цените на суровата нафта може да го зголеми овој удел уште повеќе, велат аналитичарите на „Блумберг Интелигенс“.

Плановите на кралството да ја намали зависноста од Арамко ќе бидат во искушение поради големиот фискален дефицит, додаваат тие.