Прогресивното оданочување што Македонија ќе го воведе од следната година ќе ги зголеми приходите и ќе ја подобри еднаквоста, оценува Светска банка во најновата анализа. Со огромна поддршка за даночната реформа што ја најави Министерството за финансии, Банката смета дека нашата земја платила голема фискална цена со тоа што со години одржуваше ниски даночни стапки и нудеше даночни стимулирања за привлекување странски директни инвестиции.
Странците во ТИР зоните, на пример, не плаќаат даноци на платите на вработените цели десет години.
„Државните приходи во Македонија, како удел во БДП, не само што се меѓу најниските во Европа, туку и се намалувале во последните 10 години. Во 2017 година тие биле 31 процент од БДП, додека просекот на Европската Унија е 45 проценти“, анализира Светска Банка.
Ако персоналниот данок на доход во Македонија е 10 проценти, во Албанија тој е 23, во Хрватска 36, а во Словенија дури 50%. 10 проценти персоналец има во Босна и Херцеговина и во Бугарија. Но дури и со зголемена прогресивност, Македонија и понатаму ќе
биде една од земјите со најнизок персонален данок од доход во Европа, велат од Светска банка.
Но домашните банкари не се согласуваат со даночна реформа.
Преку својата асоцијација бараат широка расправа за персоналецот и одложување на оданочувањето на каматите на депозитите до влезот на земјата во ЕУ.
„Со цел да се задржи позитивниот тренд на штедењето, да се обезбеди свеж капитал за стопанството, како и да се одржи стабилноста на банкарскиот сектор, бараме одложување на оданочувањето на каматите од депозити“, велат од Светска банка.
Според предложеното законско решение од Министерството за финансии каматите од депозитите треба да се оданочуваат од 2020 година со стапка од 15 проценти, но само на износот над 15.000 денари.