Единствено поапсурдно од самиот апсурд како метафизичка категорија е да не зборуваш за апсурдни ситуации.
Овие апсурди кои се случуваат кај нас, се толку апсурдни, што би се чувствувал потопено доколку не кажам збор два за нив. Имено, се почесто забележувам еден феномен кој струи во медиумите, а тоа обработка на теми за стартапи, тема каде овие медиуми имаат познавање колку што Крали Марко имал познавање од програмирање. И тоа не е најстрашно, најстрашни ми се интервјуата со истакнати „консултанти“ во овој сектор… Но пред да одиме во анализата, ќе пробам да ги објаснам „играчите“ од двете страни.
Од лево, ги имате медиумите. Обично некој премлатен и истоштен веб сајт, кој во климактериумот на идеи и креативен банкрот мора да штанца глупости, како би ја оправдал својата апсурдност на постоењето, но мора да штанца глупости за да ги оправда средствата кои неговиот спонзор и создател ги инвестирал во него, па сакал нејќел мора да објавува теми. Е сега, спонзорот кај нас е или политички, фала Богу па тие не ни размислуваат на овие теми, или е некаква си меѓународна организација или амбасада, попут USAID, швајцарска амбасада или UK амбасада или слични тела, кои од срамот згора сакаат да не регулираат во некаков си нормален бизнис еко систем, кој владее секаде во светот, но ете не и во „антикава“. Е сега овие „медиуми“ мораат да кажат нешто на темава, па прават интервју со „консултантиве“.
Од десно, се консултантиве. Обично разгузени ликови со блескави „каладонт“ насмевки, кои меѓу мултилевел маркетиншките понзи шеми кои ги тераат и продажбата преку Авон каталози, се и консултанти. Завршиле некое школо со модерно име, „доспецијализирале“ некој курс со уште побомбастично име ( читај им ги собрале парите уште поголеми англосаксонски хохштаплери и од нив ), се наоружале со 80 „скилсој“ на ЛинкедИн профилите и тргнале во борба. Но не, не е таа борба, нормална борба на пазарот на идеи и капитал… Не се докажале овие наши консултанти во ниеден бизнис… Немаат никаква врска со реален бизнис… Едино проклетство за да станат консултанти било што не успеале да се ухлебат во јавниот сектор. Па сега, јеби га, мора од нешто да се живее… И што ќе правиме баци? Ќе делиме памет, или по ново ќе сме консултанти….
И сега, се среќаваат левава и деснава ујдурма, двеве водени од сопствени мотиви и неспособности и оп, ете ти приказна… Ко о чему, наши о стартапима…. Да не знае човек дали да плаче или да се смее…
А колатерална штета на медиумиве, консултантиве и разниве фондови, се токму баш тие: стартапите… Зошто жртва? Па до сега не излегол некој лав ловец на стартап сценава… Се нешто пари се делат сумљиво, се нешто фондот за иновации ( ФИТР ) се правда, се моли…еве годинава не ги објавил ни износите од последната мерка што каде и како дал како грант. Но ќе се навратам на фондот подоцна, да се задржиме на стартапиве…
Како бре стартап сцено до сега еден немаме „меѓународен тигар“? Една фирма да успееше со производ и да освоеше надворешен пазар? Не мора подалеку, барем регионален? Значи и Вие ништо не сте сработиле. Затоа назад во робство кај странските инвеститори кои и тоа како знаат да го искористат нашиот потенцијал а Бога ми и ресурси… После толку писанија, курсови, хабови, акселератори, филмови, ние немаме ниту еден старт ап со кој можеме да се пофалиме… Не стартап на ниво на словенечки Outfit7 со TalkingTom, или чудата на Мате Римац… абре еден ајвар да направевме иновативен со кој ќе го преплавевме Балканов… ништо…нула… толку од нашата стартап сцена… Видете стартапџии, малку овие консултантиве со каладонт насмевки погрешно ви ги објасниле работите. Значи целта не е да пополнете пич за да ги добиете парите. Па потоа почнувате со делбите… Идејата е да направите самоодржлив бизнис кој ќе експандира надвор а ќе вработува и носи девизи внатре. А Вас ќе Ве направи милионери од Вашиот труд. Не бидете робови на консултантиве и фондовиве, каде традиционално коруптивно бизнисот ви завршил со добивањето на грантовите и делбата на „пленот“… На тој начин, имате краткорочно решение, но немате долгорочна компанија и успех.. Со други зборови, ќе останете робови на консултантите, делбите и фондовите… а тоа не е целта…И кога сме веќе кај фондовиве, морам да го споменам и овај нашиов легендарен Фонд за иновации и технолошки развој…
Џенем што не можат еден конкурс без скандали да го поминат, не можат да вработат соодветно лице ако тоа не е под превезот на партискиот или коруптивен „плашт“ на минатото, туку човек да гледа што финансирале и стимулирале, ќе ни стане јасно зошто сме каде што сме. Еве на пример:
- Некоја омалена платформа за аукција, некаков си продавач на нешто во веб просторот? Не знам дали слушнале во фондот за АлиБаба, Експрес, Амазон, Ебај и милион други…. Што импакт ќе има ваква компанија?
- Некаква аплиација пандан на Google maps, ама за затворени простории.. Ако се изгубите во Сити Мол или на Аеродромот со 3 излези, оваа апликација, ќе ви помогне…
- Некакви си едукативни игрици за на телефон, за пазар од под 2 милиони.. Би се замислиле и Rovio со ова
- Платформа за мерење на струја и заштеди??? Јас мислев дека сатот од ЕВН е доволен….
- Некакви фаќачи на громови, громобрани, страв ми е да помислам што е ова….
- Платформа за испраќање на нотификации… мрско ми е да зборувам на оваа точка… толку е преџвакана…
- Некоја фабрика за чоколади која ќе му конкурира на Нестле и слични…
- Услуги за веднаш да ни кажеле кој победил во некоја трка? TagHauer се слушаме? Rolex ќе го фрлиме на колена…
- Па фигури од мраз во 3Д технологија ( ова ми е омилена, пошо не знам како планираат извоз на фигури од мраз?, а ако се мисли на ЦНЦ технологија – оддамна е измислена во индустриските центри )
И да не одам понатаму, многу луѓе со глупи идеи и решенија ќе се најдат затечени, а не ми поентата да навредам или обесхрабтам некого. Поентата е дека немаме изградено ниту еден здрав, јако профитабилен и извозно ориентиран старт ап…. точка… тоа е…. Колективен неуспех, почнувајќи од иноваторите и претприемачите, преку државната инфраструктура и завршувајќи со фондовите за стимулации… се е еден огромен неуспех и истушена нула… Што треба да се промени? Тоа е прашањето….
Едино што не треба да се промени, се успешниве консултанти со сумљиво знаење и блескава каладонт насмевка, кои и покрај портфолиото со нули со фенси имиња, упорно ни се продаваат како успешни во консултантскиот занает…. Писаниево би го завршил со следната мисла :
The fact that an opinion has been widely held is no evidence whatever that it is not utterly absurd.
Наум Димитровски