Интегрален текст од прес-конференција на Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ:

Шест месеци Влада на ДПМНЕ и Мицкоски беа доволни за да видиме како се уриваат стекнатите права на работниците, како им се погазува достоинството и им се намалува животниот стандард.

Граѓаните, работниците се соочуваат со економска несигурност и постојано осиромашување. Додека сè поскапува, работниците не можат да се ги дозволат ниту основните производи пред празниците, платите се заковани и не мрдаат.

Мицкоски и ДПМНЕ спроведуваат политики за елитатата а работниците ги третираат како евтина работа сила.

Власта не прифаќа покачување на минималната плата, им удоволува на големите трговци и бизнис партнери кои се богатат на грбот на народот.

Како тоа да не е доволно, власта подготвува нов удар врз работниците: укинување на „недела неработен ден”.

Овој проект СДСМ го воведе за да им овозможи на стотици илјади работници гарантиран слободен ден, да имаат повеќе време за нив и за нивните семејства.

Оваа политика беше поздравена од граѓаните и работниците, а сега се доведува во прашање под притисок на трговците и бизнис интересите на власта.

Со оваа одлука Мицкоски и ДПМНЕ директно го потценуваат трудот на работниците и ја негираат важноста на нивниот одмор и времето за семејството.