Вработените во неколку министерства се уште чекаат финансии да даде согласност за да им се зголемат платите за околу 30 проценти. Меѓу нив се оние од економија и труд, правда, министерството за животна средина, за администрација и други. Од УПОЗ велат дека ова се токму институциите чии министри претходно го поддржаа синдикатот и вработените за ваквата намера.
Според, информациите во одредени министерствата револтот е голем и се размислува за штрајк.
Ова за Телма го потврдија и од УПОЗ од каде велат дека следат состаноци на кој ќе се разговара за начинот како ќе се искаже незадоволство од дискриминирачкиот однос затоа што за вработените во некои министерства се даде зелено светло да се покачат платите, а за други не.
Пративме прашање и до министерството за финансии. Зошто се уште не е дадена согласноста за овие вработени да добијат зголемување и зошто не се потпише еден општ колективен договор кој ќе важи за сите, а не да се носат одлуки за секоја институција поединечно. Но, одговор од таму до сега не добивме.
Инаку, претходно согласност за зголемување на платите за околу 30 отсто од финансии добија вработените во СОЗР, генерален секретаријат. Пред нив позитивно мислење за тоа добија и вработените во министерството за здравство, образование, а има и за министерството за финансии.
Практично, според законите мислењето од финансии за ова не е задолжително, но со оглед на тоа дека парите се црпат од државната каса, се чека тие да дадат зелено светло па потоа да може да се потпише колективниот договор во рамки на институцијата, според кој би се зголемиле примањата.