Платите на работниците во индустриските зони се пониски од просечните плати, но и побавно растат во однос на просечните нето плати на другите граѓани во државата, изјави вчера Јован Деспотовски, директорот на Дирекцијата за технолошко –индустриските развојни зони.

„Просечната бруто плата е повисока во однос на просечната бруто плата исплатена во ТИРЗ зоната исплатена во 2018 година. Разликата била некаде околу 6,2 проценти. Таа разлика се намалила во 2019 година и сега изнесува некаде околу 5,4 проценти. Но сепак останува фактот во ТИРЗ зоните оние наши сограѓани кои работат, некаде околу 14.000 вкупно, во моментот уживаат пониска просечна плата во однос на она која ја уживаат сограѓаните генерално“, вели Деспотовски.

Економијата во рамки на техмолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) генерално во Македонија придонесува некаде 50-тина проценти од вкупниот извоз на државата. Така, и тоа како Северна Македонија е засегната од глобалните движења и глобалните трендови особено во некои индустрии, истакна Деспотовски.

Тој најави дека воведуваат нов квалитет во работењето на Дирекцијата за ТИРЗ, малку поинтензивна комуникација со јавноста и општата и стручната јавност. Информира  дека во Дирекцијата затекнале богатство на различни податоци и се обиделе преку едноставна методологија да стигнат до одредени првични согледувања за економијата во рамки на индустриските зони во државата, какви се движењата, како глобалната криза предизвикана од пандемијата ќе влијае врз компаниите коишто се извозно ориентирани.

„Заклучно со октомври 2020 година, вкупниот извоз во државата е паднат за 13,01 отсто во однос на извозот во 2018 година, но извозот од ТИРЗ-зоните е намален за 9,4 отсто“, изјави Депостовски, додавајќи дека тоа намалување е како последица на глобалната криза. Најголем пад е регистриран во април, а од втората половина на годината бројките на извозот се опоравуваат.  Заклучно со ноември 2020, кумулативниот пад на извозот за периодот јануари – ноември 2020 споредено со иститот период во 2019 ќе биде околу 8 или 8,5 отсто.

Учеството на увозот во ТИРЗ, во однос на вкупниот увоз се зголемува. Заклучно со октомври 2020 увозот во зоните во вкупниот увоз со околу 28 проценти, со блага тенденција на зголемување. За движењата на увозот, Деспотовски рече дека вкупниот увоз во државата заклучно со октомври 2020 е намален за 21,3 отсто, а увозот во ТИРЗ-зоните е намален за 19 отсто.

За компаниите во рамки на зоните, рече дека во 2018 година 71 отсто од компаниите работеле со добивка, а 29 отсто со загуба. Истото ова се пресликува во 2019 година. За стапката на добивка на ниво на портофолио за оние компании кои работат со добивка, во 2018 година таа изнесува 6 проценти, а потоа во 2019 година таа е делумно намалена. Во делот на приходите, од компаниите ангажирани во рамки на зоните, има тренд на пораст од 8, 3 проценти во 2019 година во однос на 2018.

„Државата дефинитивно има интерес од доаѓањето на странски инвеститори, со потикнување на странски инвестиции, подвлече Деспотовски и додаде дека трендовите во ТИРЗ зоните, не се толку неповолни, наспроти шпекулациите кои деновиве беа присутни во јавноста. Државата има интерес од странските инвеститори кои на име даноци и придонеси за 2018 година платиле 22,6 милиони евра, а во 2019 сумата се зголемила на 28,5 милиони евра. Првиот човек на ТИРЗ потврди дека се раскинати договорите за добивање градежно земјиште со четири инвеститори, затоа што не почнале навреме со градежните активности, но ниту еден странски инвеститор годинава не си заминал од државата.