СЛЕДНАВА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ЗНАЕ ОДЛУКАТА ЗА ВИСИНАТА НА ТРГОВСКИТЕ МАРЖИ
Владата, пред неколку дена, требаше да ги ограничи маржите на 10 проценти за дел од производите, но одлуката се одложи, затоа што беше закажан итен состанок со најголемите трговци и дистрибутери во земјава. Тие истакнаа дека тоа е лоша мерка и предложија да има намалување на цените на 100 до 200 производи што граѓаните секој ден ги купуваат. Дали ќе се прифати ова, ќе се одлучува следнава недела.
Економските експерти велат дека трговците, ако сакаат, можат да ги намалат маржите и без да чекаат Владата да им го прифати предлогот. И додека се кројат политики како да се скроти скапотијата, граѓаните се жалат за високите цени и велат дека со парите со кои располагаат, може многу малку да купат. Сметаат дека особено се високи цените на земјоделските производи
Владата, пред неколку дена, требаше да ги ограничи маржите на 10 проценти за дел од производите, но одлуката се одложи, затоа што беше закажан итен состанок со најголемите трговци и дистрибутери во земјава. Тие истакнаа дека е тоа лоша мерка и предложија да има намалување на цените на 100 до 200 производи што граѓаните секој ден ги купуваат. Дали ќе се прифати ова, ќе се одлучува следнава недела.
Економските експерти велат дека трговците, ако сакаат, можат да ги намалат маржите и без да чекаат Владата да им го прифати предлогот. Сметаат дека Владата не треба да им биде гарант за да ги намалат цените. Од друга страна, пак, оценуваат дека е дојдено време да се размислува за долгорочни мерки, бидејќи сето она што е преземено досега, како ограничување на маржите и на цените, се покажало дека не донело позначителни промени.
Со нив се согласуваат од опозицискиот СДСМ, од каде што велат дека Владата не само што нема решение за високите цени туку и нема желба да преземе нешто и дека граѓаните и понатаму се оставени сами да се справуваат со високите цени.
– Стандардот на граѓаните се влошува од ден на ден, а Владата има поданичка позиција кон бизнис- интересите на елитата и на големите трговци и не презема ништо, додека граѓаните имаат сè помалку пари и едвај врзуваат крај со крај. Владата не само што нема решение за високите цени туку и нема желба да преземе нешто. Нејзините економски политики се тотално фијаско и водат кон нова економска криза – велат од СДСМ и бараат Владата итно да ги прифати седумте пакет-мерки за вистинско намалување на цените.
Со нив се предлага намалување на ДДВ на електрична енергија од 18 на 5 %, со што сметките за струја на граѓаните ќе се намалат за дури 13 %. Бараат и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, замрзнување на цените на основните прехранбени производи за следните три месеци, фиксирање на маржите за основните прехранбени производи, итно спроведување на Законот за нефер трговски практики со што цените ќе се намалат и до 30 проценти, потоа намалување на цената на „зелениот картон“ за автомобили, но и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите.
И додека се кројат политики како да се скроти скапотијата, граѓаните се жалат за високите цени и велат дека со парите со кои располагаат, може многу малку да купат. Сметаат дека особено се високи цените на земјоделските производи. Васка Мојсовска од Федерацијата на фармери дава одговор зошто е тоа така. Според неа, земјоделските производители не се виновни за поскапувањето во маркетите, оти ги продаваат своите производи за ниски цени што ги диктираат откупувачите. Мојсовска нагласува дека проблемот потекнува од синџирот на снабдување, каде што дистрибутерите и трговците поставуваат високи маржи.
– Имаме еден синџир – земјоделците производители што ги носат своите производи во откупните центри, каде што им се продаваат на дистрибутерите, кои, пак, им ги даваат на трговците. Не можат нас да нè обвинат за високите цени, затоа што откупувачите се тие што ги кажуваат цените. Вие, како потрошувачи, купувате сурови производи, на пример, домати, по 120 денари, додека на земјоделците им се откупуваат по 30 денари. Сето тоа е поради високите маржи што токму овие дистрибутери и трговци ги ставаат и, за жал, кремот или заработката од нив ја земаат токму тие, а не оние вистинските производители – вели Мојсовска.
Од новоформираната Комора на трговци, пак, го вперуваат прстот за високите цени на земјоделските производи кон производителите и кон доставувачите. Се правдаат дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените.
И додека сите си ја префрлаат топката, факт е дека домашното земјоделско производство е во пад и дека годишно трошиме стотици милиони евра за увоз на странски земјоделски производи. Производителите што останаа да се занимаваат со земјоделско производство, велат дека дури 70 проценти од овошјето и од зеленчукот се увезени. Жалат што од земја производител станавме земја увозник, а тоа се гледа во намалувањето на учеството на аграрот во бруто домашниот производ и покрај тоа, сумата за субвенции од државата се зголемува, годинава на фантастични 102 милиони евра.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, неодамна изјави дека се посветил да ја врати довербата на земјоделците преку исплата на сите заостанати субвенции.
– Во делот на субвенционирањето, годинава се прават одредени бирократски олеснувања што ќе значат помалку губење време на земјоделците. Од друга страна, се воспоставуваат некои правила на игра што ќе значат зголемено производство. За битните стратешки земјоделски култури, ќе има и зголемување на субвенцијата, сè со цел да ги стимулираме земјоделците повторно да влезат во процесот, во овие тешки времиња – вели Трипуновски.
Според министерот, се планира зголемување на домашното земјоделско производство и преку Програмата за рурален развој. Тој потенцира дека ќе се интервенира да се вратат младите земјоделци на нивите, односно за нивното влегување во земјоделскиот сектор, за што ќе бидат финансиски поддржани од државата.