Просечната плата во земјава продолжува да се намалува. Државниот завод за статистика измери пад на ноемвриската плата лани за 0,3 отсто во однос на месецот пред тоа. Иако споредбено со ноември 2023-тата, во ноември лани забележано е зголемување на просечната плата за 9,5 отсто, индикативен е неколкумесечниот тренд на намалување, покажува извештајот.

За Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, намалувачкиот тренд не е загрижувачки. Според него, тој се должи на зимскиот пад на работата во градежништвото и земјоделието и очекува трендот да почне да расте.

Според последниот извештај на статистика, во ноември е забележан пад во речиси сите сектори. Најдрастичен е во рударство и вадење на камен каде што е забележан пад од 8.0 %, 5,6 проценти пад има во дејностите во врска со недвижен имот и земјоделството, а во шумарството и рибарството падот изнесува 2.6 %. Најголем месечен скок на просечната плата од 6,9 отсто е забележан во секторот производство на кокс и рафинирани нафтени производи.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември 2024 година, изнесува 41 999 денари. Во исто време, синдикатите ја притискаат владата да ја зголеми минималната плата на 500 евра. Минатата недела Стопанската комора на северозападна Македонија се согласи со овој износ, но при тоа и предложи на валадата да ги остави придонесите на нивото на сегашниот минималец. Се очекува висината на минималната плата да се разгледува и на Економско-социланиот совет.