За оние кои нема да ја почитуваат одлуката на Владата, ќе бидат преземени мерки, вклучувајќи и затворање на продавниците од страна на Државниот пазарен инспекторат

Од утре, а најдоцна задутре цените во маркетите на лебот, млекото, месото, тестенините… односно на 24 категории производи треба значително да поевтинат, некои и над 30 отсто од сегашните цени, односно 10 отсто во однос на нивото што беше на 1 август, што се зема како референтна вредност. Мерката ќе трае до крајот на ноември, но доколку е потребно ќе се продолжи, а се очекува покрај денес објавените производи во наредниот период да бидат вклучени и други, за што се водат разговори со производителите и трговците.

Министерот за економија Крешник Бектеши денес на прес конференција соопштувајќи ги производите кои ќе поевтинети, рече дека за оние кои нема да ја почитуваат одлуката на Владата, ќе бидат преземени мерки, вклучувајќи и затворање на продавниците од страна на Државниот пазарен инспекторат, за што има и сега можности, а наредната недела ингеренциите на инспекторите дополнително ќе бидат зајакнати.

„Донесена е одлука за определување на цените на мало како и обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица и се регистрирани за вршење дејност производство и трговија на големо“, рече Бектеши, додавајќи дека откако ќе биде објавена во Службен весник ќе биде обврска на сите трговци на мало  да ги применат тие цени согласно референтниот датум 1 август.

Листата на производи е следна:

  1. Ориз бел во пакување од 900 грама до еден килограм
  2. Брашно пченично тип 400 и тип 500
  3. Бел и полубел леб векна индустриски тип 450 грама цел и на парчиња со исклучок на свежо печен леб во маркетите
  4. Други пекарски производи.
  5. Бисквити петит бер и бисквити обични и посни од 300 до 500 грама
  6. Наполитанки со  фил од какао крем  (обични, непреливни) од 300 до 500 грама
  7. Тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 грама
  8. Јунешко месо без коски од бут или некој друг дел
  9. Свинско месо без коски од бут или некој друг дел
  10. Мелено месо свинско и јунешко
  11. Пиле свежо или замрзнато (цело)
  12. Пилешки стек свеж или замрзнат
  13. Чаен колбас (јунешки свински говедски) без додатоци  и без слајс пакување…
  14. Пилешка посебна салама (без слајс пакување)
  15. Паштета  од џигер и пилешка, без додатоци во пакување од 95 и 100 грама
  16. Трајно кравјо млеко, без органско и со додатоци, со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 од 1 литар
  17. Јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8 до  3,2 отсто од 1 и 1,5 л.
  18. Кисело кравјо млеко, обично без додатоци, со масленост од 2,8 и 3,2 , пакување од 300 до 500 грама
  19. Павлака од кравјо млеко со масленост од 12 до 20 отсто во пакување од 180 до 200 грама
  20. Традицуионално кравјо бело сирење и мешано бело сирење без додатоци,
  21. Традиционален кравји и мешан кашкавал без додатоци
  22. Свежи јајца од кокошка
  23. Свежо овошје
  24. Свеж зеленчук

 

„Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 август 2023 година во трговија на мало кои се намалуваат најмалку за 10 отсто“, рече Бектеши.

Тој нагласи дека не станува збор за постојните цени кои треба да се намалат, туку за цените кои биле во супермаркетите на 1 август и тие цени дополнително треба да бидат намалени за 10 отсто. Тоа, според него за одделни производи може да значи намалување и до 30-40 отсто.

„Може цените од 1 август до денес да се зголемиле и 100 отсто, но тоа за нас е неважечко, тоа е нула за нас. Што значи дека ние намалувањето ќе го примениме од минимум 10 отсто од она ниво што било на 1 август како референтна цена“, рече Бектеши.

„Тоа во пракса значи дека намалувањето на цените на производите што ги наведов може да биде и повеќе од 30-40 отсто во однос на сегашните, доколку од 1 август имало толкаво зголемување“, додаде тој.

Бектеши појасни и дека бројот на производите опфатени со одлуката е многу поголем, бидејќи се однесува на сите производи од наведените категории.

„Кога зборуваме за бел леб на пример, зборуваме за сите видови од сите компании од сите производители на бел леб. Кога зборуваме за млеко, зборуваме за сите производи на млеко од сите производители, сеедно дали се произведуваат дома, или се увезуваат. Значи, како категорија на млеко со одредена масленост, за сите кои се на македонскиот пазар. Што значи бројката на производи може да биде и над 500“, рече Бектеши.

Тој посочи дека трговците за вршење на дејност производство и трговија на големо за производите кои ги наведе треба да одобруваат рабат и други надоместоци кон вршителите на дејности трговија мало во висина до пет отсто. Трговците на мало, пак, во делот на овие производи кои ќе бидат поставени на полиците и треба да ги обележат со написот „Гарантирана цена“ која е објавена на сајтот на Министерството за економија и е поделена со сите синџири на супермаркети.

„Дополнително како обврска, трговците на големо и производителите во нашата држава вклучително и увозниците и дистрибутерите имаат обврска да снабдуваат најмалку 70 отсто од количините на истите производи кои ги наведов и кои ги снабдувале во август годинава“, рече Бектеши.

Во однос на акциите кои традиционално ги применуваат трговците, Бектеши рече дека е направена мала корекција при што на трговците ќе им се дозволи да направат акции со пониски цени од замрзнатите, а дополнително на тоа сите трговци на мало и синџири на мало ќе имаат обврска, ако случајно прават намалување на одредени цени заради истек на рок, тоа да го означат за да биде јасно за потрошувачите.